Нема повеќе училишни предмети во Финска

Образовниот систем во Финска се смета за еден од најдобрите во светот. На интернационалните листи за најдобар образовен систем секогаш се наоѓа во првите десет. И покрај тоа власта не е задоволна со своите достигнувања и затоа се спрема за нова револуција во образовниот систем.

Официјалните лица од овој сектор, сакаат да ги исфрлат училишните предмети како што се физика, математика, литература, историја, или географија. Шефот за одделот за образование во Хелсинки, Марио Килонен, ги објасни овие промени:

“Има многу училишта кои ги учат децата на стариот начин на учење кој одговара на системот од 20 ти век, но сега потребите се различни, и нас ни е потребно нешто што ќе одговара на овој век во кој живееме, односно 21 ви век.”

Наместо индивидуални предмети, учениците ќе учат настани и феномени во интердисциплинарен формат. На пример, Втората Светска Војна ќе биде претставена од друга перспектива, преку историја, географија и математика.

Овој систем ќе им биде претставен на деца над шеснаесет години. Главната идеја е учениците да одберат сами кои теми и феномени ќе ги обработуваат, притоа размислувајќи за тоа што ќе прават во иднина и како тоа ќе им влијае на понатамошното школување. На овој начин ниеден ученик нема да мора да учи физика или хемија доколку тоа не му е потребно за во иднина и нема да се прашува “Зошто треба да го знам јас ова?”

Традиционалниот однос помеѓу професорот и ученикот ќе биде исто така променет. Учениците нема повеќе да седат во посебни клупи и да чекаат да бидат прозвани од професорот, туку тие ќе работат сите заедно во групи и ќе дискутираат за одреден проблем.

Финскиот образовен систем поттикнува колективна работа и затоа овие промени ќе влијаат и на професорите. Оваа училишна реформа ќе доведе до тоа, сите професори од различни предмети да соработуваат заедно. Оклолу 7о % од професорите во Финска веќе подготвуваат информативни материјали за презентација на оваа реформа и за тоа добиваат поголема плата.

Се очекува овие промени да бидат завршени во 2020 година.

Што мислите вие за оваа идеја? Би сакале да го слушнеме вашето мислење, можете слободно да дадете свој коментар.