ЛЕТЕН КУРС ЗА МАГИИ И ВОЛШЕБСТВА НИКУЛЕЦ

2019-05-24

Здружението на граѓани за едукација и креативност на деца и млади НИКУЛЕЦ КРЕАТИВА, шеста година по ред им овозможува на децата забавно да го поминат летниот одмор. На тој начин тие се дружат, играат и учат со многу дечиња од целиот град.

Водени од секојдневната работа со деца,  ние знаеме дека секое дете е различно и во себе носи цел свој свет на желби, радости, грижи и стравови. До светот на некои деца се стигнува полесно, но има и деца меѓу нас чии светови се сеуште неоткриени и непознати. Ние заедно во една летна авантура ќе создадеме наш голем свет во кој сите, иако различни, ќе другаруваме и ќе учиме еден за друг -еден од друг.

Оваа година ќе бидеме волшебници кои со своите магии ќе се обидеме да го спасиме градот  нападнат од тројцата злобни волшебници Димчо, Ѓубролик и останатите нивни соработници.

Кратка содржина – Никулците се момчиња и девојчиња на возраст од 6-12 години кои за време на летниот распуст го посетуваат летниот курс за магии и волшебства Никулец. Тие дознаваат дека мистериозната планина, волшебната река, паркот на птиците и црната гора се нападнати од злобните волшебници. Со помош на нивните професори по Одбрана од мрачните сили се обидуваат да се ослободат од злобните волшебници и да ги претворат во свои пријатели. Но, дали ќе успеат во сето тоа останува да го откриете преку разните авантури на упорните и неуморни никулци.

Дејството ќе се случува на четири локации:

  • во големата мистериозна планина над високите кули, (Водно)
  • покрај волшебната и лековита река, (Маркова Река)
  • паркот на верверичките и птиците (Градскиот Парк)
  • зелените ридови кои водат до црната гора (Скопска Црна Гора)

I недела Никулците ги учат своите волшебнички моќи;

II недела Никулците ја подготвуваат својата волшебна облека;

III недела Никулците го откриваат начинот како да се одбранат од злобните волшебници;

IV недела Никулците се запознаваат со особините и карактерите на злобните волшебници (ѓубрето и неговите соработници);

V недела Никулците се запознаваат со особините и карактерите на злобните волшебници (загадениот  воздух и неговите соработници);

VI недела Никулците се запознаваат со особините и карактерите на злобните волшебници (загадената вода и нејзините соработници);

VII недела  Никулците се обидуваат злобните волшебници (ѓубрето и неговите соработници) да ги претворат во свои пријатели;

VIII недела Никулците се обидуваат злобните волшебници (загадениот воздух и неговите соработници) да ги претворат во свои пријатели;

IX недела  Никулците се обидуваат злобните волшебници (загадената вода и нејзините соработници) да ги претворат во свои пријатели;

X недела  Никулците ја освојуваат големата мистериозна планина над високите кули;

XI недела Никулците го освојуваат паркот на верверичките и птиците;

XII недела Никулците ги освојуваат зелените ридови кои водат до црната гора;

Распоред на денот 

  • 08.00 – 08.30 часот – Прифаќање на децата
  • 08.30 – 09.00 часот – Доручек
  • 09.15 – 09.40 часот – Подготовка и запознавање со активностите наменети за денот
  • 09.45 часот – Заминување на одредената локација
  • 10.00 – 13.30 часот – Реализирање на програмата во природа
  • 13..40 – 14.00 – Враќање во Никулец
  • 14.00 – 14.30 – Ручек
  • 14.40 – 16.30 – активности за одмор и релаксација (друштвени игри, читање книги и разговор за прочитаното, креативни изработки) и испраќање на децата.

Цена и начин на плаќање

Цената за посета на една седмица за летниот курс за едно дете е 3.800 денари.

Еднодневна посета за летниот курс изнесува 850 денари.

Во цената се вклучени трошоците за доручек, ручек, две ужинки, превоз, материјали за реализација на активностите.

За деца од исто семејство следува попуст од 10%.

Плаќањето се извршува според дадениот пример на уплатница која ја има во апликацијата.