Дали знаете кои се Викинзите и каде живееле?
Викинзите биле жестоки борци кои живееле во Скандинавија, во северните држави, Норвешка, Данска и Шведска. Тие биле најмоќни од 700 – 1200 година од нашата ера. Викинзите биле шампиони во градење бродови, правеле долги бродови со кои успешно пловеле долж крајбрежјето на Европа па дури и стигнале до Америка. Некои од нивните патувања биле многу насилни, воините напаѓале цели градови и села. Тие го убивале секој кој ќе им се спротивставел, земајќи богатства и робови. Другите патувања биле мирни, каде што тие откривале нова земја за живеење или за тргување. И покрај тоа што биле воини тие биле и фармери, рибари, занаетчии и трговци. Зборот Викинг доаѓа од стариот норвешки јазик што значи пират.
Бродовите на Викинзите биле мали, тесни и долги бродови. Со нив патувале многу лесно и брзо на бурното море. Стигнале дури до Америка, на територијата на денешна Канада пред да биде откриена од Колумбо.
Живеалиштата на Викинзите биле едноставни, но удобни. Тие често ги правеле своите куќи од плетени гранки и глина и кров покриен со трева и плочки од камен или дрво. Други материјали кои ги користеле биле трупци од дрва, штици, камен и земја. Доколку фамилијата не била многу богата, куќата на Викинзите имала само една соба која обично била голема и во неа можело да се соберат повеќе генерации да живеат. Луѓето седеле и спиеле на подигнати платформи со душеци и перници исполнети со пердуви од птици. Фамилијата јадела, пиела и се социјализирала околу каменото огниште кое било поставено во средината на куќата. Огништето било центар на куќата и на него готвеле, се топлеле и добивале светлина.
Викинзите биле познати бестрашни воини. Тие патувале по крајбрежјето на Европа и правеле изненадни и смели напади. За еден Викинг честа и славата во борбите се единствените нешта кои траат засекогаш. Тие верувале дека воините кои загинале храбро оделе во Валхала – рајот на Викинзите. Секогаш Викингот морал да биде спремен за да му се придружи на својот крал во борба. За разлика од Римјаните тие не носеле униформа, туку сами се снабдувале со алишта и оружје. Воинот кој ќе загинел во борба бил погребуван заедно со своето оружје. Оружјата со кои се користеле биле копје, меч, дрвен штит и железни секири.