Ткаење со волница!

Потребни материјали:
- волница;
- ножици;
- картон – 15см./20см. и две картонски ленти;
- линијар;
- пластична игла;
- молив;
- креп трака;
- тенки дрвца.
Најпрво направете го картонот на кој што ќе ја закачите волницата односо разбојот за ткаење. Во горниот дел од картонот со помош на линијарот измерете 1см. надолу и повлечете линија со молив. Потоа измерете 2см. од лево и пресечете од горе надолу до линијата која ја повлековте. Продолжете да правите 12 рецки на 1см. се додека не стигнете 2см до крајот на картонот. Истото направете го и на долната страна на картонот.
Потоа залепете ги картонските ленти под линијата која повлековте во горниот дел и во долниот дел од картонот. Картонската лента треба да биде широка 1.5см. и долга колку што е долг картонот.
Исечете 12 парчиња волница со должина колку картонот и плус оставете по 8 см. да излегуваат надвор од картонот горе и долу. Залепете ги деловите што остануваат од позади на картонот со креп трака,но не ја затегајте волницата премногу. Откако го направивте разбојот за ткаење може да започнете!
Исечете волница долга 60см. Протнете ја низ иглата и заврзете чвор околу иглата. Започнете со ткаење така што ќе ја протнувате иглата еднаш над затегната волница и еднаш под, се така до крај на редот и потоа започнувате нов ред обратно. Доколку сакате да ја смените бојата на волницата заврзете чвор и оставете 8см. за да ги залепите позади картонот.
Од кога ќе направите повеќе редови затегнете, но не премногу. Не заборавајте да оставате опашки кога менувате нова боја на волница.
Кога ќе завршите внимателно извадете го картонот. Закачете дрвце на горниот дел и залепете ги опашките позади како на сликата. На крај на долните опашки закачете туфки.