Алтернативни училишта – Валдорф

Првото Валдорф училиште било создадено од австрискиот филозоф Рудолф Стајнер во 1919 година и било наменето за децата на работниците од фабрика за цигари во Австрија. Тоа било времето кога завршувала Првата Светска Војна и кога Европа била спремна за нови едукативни системи кои биле радикално различни од дотогашните.
Рудолф Стајнер верувал дека секој човек има способност за себе унапредување и спиритуално растење, и потенцијал да го промени светот околу себе. Валдорф училиштата се базирани на филозофијата дека имагинативното и практичното односно создавањето нешто со своите раце е најдобриот начин за учење. Но исто така и учењето преку музика, танци, визуелни уметности, пишување и митови. Класичната митологија, традиционалниот фолклор, бајки и религиозни слики како Буда и ангели се дел од прогарамата на Валдорф училиштата.
Наместо да ги учат децата класично како да читаат, тие ги учат преку цртање и боење на буквите се додека не почнат самите да ги распознаваат и да ги пишуваат. Пристапот за читање во Валдорф училиштата е многу различен од класичните училишта. Учениците не се фокусираат на традиционалното читање се до трето одделение. Тие времето го поминуваат слушајќи приказни и препознавајќи звуци.
Преку креативни процеси како плетење и работење со дрво, децата учат броење и геометрија. Тие учат за биологија, наука и зоологија преку изработка на полнети животни и кукли од шишарки, камења и други материјали и предмети кои ги наоѓаат во природата. Исто така децата се охрабруваат да си играат надвор во кал или да играат на дожд, односно да ја доживеат природата.
Многу родители се прашуваат дали Валдорф е добар избор за нивното дете. Многу родители првично се импресионирани од уникатниот пристап: старомодното темпо, изобилието од уметност и креативност, некористење на технологија, едукација во природа, и работење со раце. Учениците учат за историја и митологија преку предметите кои ги изработуваат. Доколку детето е креативно му се нудат многу интересни методи како плетење, шиење или цртање. Музиката е исто така многу важен дел од програмата на Валдорф училиштата. Во секоја училница има инструменти на кои децата можат да свират.
Доколку барате училиште кое е во тек со технологиите и кое би го спремило вашето дете за брзиот начин на живот, тогаш Валдорф не е училиште за вас и вашето дете. Во Валдорф училиштата има многу строги правила во врска со технологијата. Родителите и децата треба да потпишат дека се согласуваат за минималниот пристап до телевизија, компјутери и видео игри и секој електронски уред кој би му го одземал вниманието на детето. После петто одделение дозволен им е ограничен пристап до телевизија и гледање филмови. Исто така доколку сте повеќе склони кон традиционалниот начин на учење, Валдорф училиштата не се за вас.
Во Валдорф училиштата на прво место е креативноста и поврзувањето со природата. Доколку тоа е вашата претстава за тоа како треба да го воспитувате и учите вашето дете, ова е вистинското училиште за вас.